Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески не постапува по кривичните пријави кои ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ во врска со референдумот за Преспанскиот договор. Само во една пријава се опфатени над 200 лица за изборен криминал, но и по пет месеци нема одговор од Обвинителството, за што од опозицијата реагираа на прес конференција.
Според партискиот портпарол, Наум Стоилковски, Јовески прави тешки злоупотреби на службената положба и овластување.
„Не се постапува ниту по пријавата за изборен поткуп, во која како доказ е поднесено видео на кое што Зоран Заев поттикнуваше и јавно повикуваше на поткуп во изборни цели? Јовески не постапува, иако минаа пет месеци од референдумот, иако сите поднесени кривични пријави се поткрепени со докази“, изјави Стоилковски.


