СДСМ и ДУИ на претстојните претседателски избори ќе настапат со заеднички кандидат. За ова, лидерите на двете партии, Зоран Заев и Али Ахмети се договориле на денешната средба, но името на кандидатот се уште не е познато. Кој ќе биде кандидатот ќе се знае до петок – изјави Ахмети попладнево, откако заврши средбата.
„Имавме значително содржински состанок со Заев. Разговаравме за развојот на настаните во нашата земја, но и во регионот. Се разбира дека една од суштинските теми беа претседателските избори. Направивме суштинска анализа, имајќи предвид дека треба да воспоставивме стандард во нашата земја, иако обиди за тоа имаше и порано, но беа неуспешни. За да дадеме една здрава порака до нашите граѓани дека имаме доволно зрели политички партии, се договоривме на овие избори да излеземе со заеднички кандидат за претседател на државата и ова да станде стандард и во иднина, кој ќе биде еден од корисните стандарди во државата“, изјави Ахмети.
Новинарите го прашаа дали за нив се прифатливи Оливер Спасовски и Никола Димитров, чии имиња во јавноста кружат како потенцијални кандидати, но тој не одговори конкретно.
Ахмети посочи дека на денешната средба, тој и Заев не разговарале за несогласувањата во рамките на нивната коалиција.


