За дивоградбата на Матка ќе постапува Државниот градежен инспекторат – ММС
ММС

Објавено на: 02/27/19 2:48 PM

За дивоградбата на Матка ќе постапува Државниот градежен инспекторат

Државниот градежен инспекторат ќе ја утврдува состојбата на терен за дивоградбата кај кањонот Матка за која Општина Сарај не постапува и откако бесправноста ја констатираше инспекторатот на Град Скопје, и ќе донесе соодветни одлуки во однос на евентуално одземање на ингеренциите во урбанизмот на општината.

Град Скопје, како што изјави градоначалникот Петре Шилегов, нема законска надлежност за уривање на дивоградбата, за неактивноста на градежната инспекција на Сарај е известен Инспекцискиот совет и во координација со Министерството за транспорт е побарано да постапува Државниот градежен инспекторат.

– Постапувајќи согласно со законските можности на Град Скопје преку градскиот Инспекторат излеговме на лице место и констатиравме бесправна состојба. За тоа го известивме Инспекцискиот  совет кој треба да преземе дополнителни мерки заради неактивност на градежната инспекција на Општина Сарај, а во координација со министерот за транспорт и врски го известивме Државниот инспекторат кој треба да излезе на лице место да ја констатира состојбата и согласно со тоа да донесе соодветни одлуки дали да ги одземе или не ингеренците  во урбанизмот на Општина Сарај, изјави денеска градоначаникот на Скопје Петре Шилегов, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој апелираше  до Општина Сарај и тамошниот градоначалник Блерим Беџети, како што рече, да почнат  да си ги работат работите за кои се избрани.

– Не смееме да дозволиме дивеење особено не во градежниот сектор, особено не во природните богатства и реткости како што е Матка, рече Шилегов.

Министерството за транспот и врски, како што потврдија оттаму,  испратило официјално барање до Државниот градежен инспекоторат  да излезе на терен и да ја утврди фактичката состојба со дивоградбите во Општина Сарај.

Според Закон за градење, се врши инспекциски надзор на работата на општината, а ингеренците во урбанизмот и градежништвото се одземаат на предлог на Државниот градежен инспекторат.

По вчерашниот заклучок на УО на ЗЕЛС дека легализацијата на бесправно изградените објекти треба да продолжи со плаќање пенали, Шилегов денеска повтори дека  формираната работна група прво ќе анализира и со Министерството за транспорт ќе одлучи дали воопшто ќе почне такви активности.

– Не смееме како институција и држава да стимулираме бесправна градба на каков било начин. Тука мора да го најдеме балансот во решенијата, рече Шилегов.

Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) вчера донесе заклучок да формира посебна работна комисија која, заедно со Министерството за транспорт и врски, ќе работи на законско решение по можност во сегашната законска регулатива бесправно изградените објекти да бидат внесени во правниот систем на тој начин што покрај потребните комуналии што ги плаќа секој граѓанин или правен субјект, да платат и дополнителни пенали, односно казни.