Општините Кавадарци, Градско и Чашка добија локални стратегии за помош на лицата со попреченост. Нив ги подготвија тимови од Здружението за церебрална парализа од Велес, невладини организации и претставници на трите општини во рамки на проектот ЛАПЛИ. Согледани се реалните потреби кои ги имаат лицата со попреченост. Во наредниот период општините имаат обврска да реализираат проекти, кои ќе бидат од голема помош за овие лица, а на тој начин ќе се оттргнат бариерите со кои се соочуваат во секојдневното живеење.
Стратегиите беа презентирани на денешната завршна конференција која се одржа во Кавадарци.
„Проектот има за цел да ги зајакне невладините организации кои работат на локално ниво во овие три општини, малку повеќе да делуваат и да го подобрат животот на лицата со попреченост. Се реализираа по три работилници во сите општини на кои што ги креиравме локалните стратегии. На оваа завршна конференција ги презентираме печатените стратегии и ги промовиравме документарниот филм и рекламниот спот, кои даваат слика што се случува со овие лица во трите општини“ вели Далиборка Златева, претседател на Здружението на лица со церебрална парализа.
Таа очекува дека тимовите кои работеа на стратегиите и во наредниот период ќе соработуваат се во насока да се обезбедат подобри услови за оваа категорија на граѓани. Златева се заблагодари на општините за дадената поддршка и оечкува реализирање на подготвените стратегии.
„ Од самиот почеток на мандатот се залагам за еднаквост во општеството. Овој локален акционен план за лицата со инвалидност ќе ни биде водилка за реализирање на многу повеќе проекти и е од големо значење за општина Кавадарци, а така да создадеме општествена сигурност за сите наши жители. Доловени се реалните потреби за овие лица. Ќе застанеме максимално како општина да ги реализираме нивните потреби “ вели градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Во стратегиите се напишани проблемите на лицата со попреченост. Овие лица велат дека нивното решавање, ќе значи подадена рака за нив и оттргнување на бариерите кои дополнително им го отежнуваат животот.
Ангел Данов


