Улично куче истрача хуманитарен ултрамаратон од 82 километра – ММС
ММС

Објавено на: 02/27/19 1:32 PM

Улично куче истрача хуманитарен ултрамаратон од 82 километра

Неочекуваниот гостин му се придружил на хуманитарниот ултрамаратон за социјално загрозено семејство кај Панчевски Мост и со маратонците ги истрчал сите 82 километра од Белград до Зрењанин, пишува зрењанинскиот портал „З-1“.

Црното улично куче, забележувајќи ја колоната маратонци, само тргнало по неа и го следело темпото на трката. Во текот на маратонот, учесниците му давале сендвичи за да закрепне, но кога песот ќе видел дека колоната му се оддалечува, го оставал сендвичот и продолжувал да трча.

Со оглед што се работи за улично куче, никој не знае колку време пред трката било гладно и жедно, па неговиот подвиг ги допре срцата на сите, пишува порталот.

Во текот на трката, учесниците на песот му го дале името Сизиф, бидејќи, заедно со нив, правел вистинска „Сизифова работа“, туркајќи го хуманитарниот камен. Владимир Вулетиќ, возач на возилото за итна медицинска помош што ги следело маратонците, по ултрамаратонот одлучил да го посвои малиот херој, кој во иднина ќе го вика Маратонец.