Ретки птици заштитени со закон настрадаа поради нелегална употреба на отрови – ММС
ММС

Објавено на: 02/27/19 8:28 AM

Ретки птици заштитени со закон настрадаа поради нелегална употреба на отрови

Жртви на нелегалната употреба на отрови во земјава, покрај кучињата скитници,  деновиве беа ретки птици кои се заштитени со закон. Мртвите птици од видот Царски орел,  беа пронајдени во атарот на неготинското село Црвени Брегови. Царскиот орел е редок вид птица,  строго заштитен со законот за природа и законот за ловство и е дел од црвената листа на видови во изумирање на Европа.

Од здружението за зачувување на природата “Аквила” од Кавадарци велат дека со труењето на овој гнездечки пар направена е голема загуба за природата.  Фрлањето на отровни мамци, како што вели потпретседателот на „Аквила“, Емануел Лисичанец е најчесто борба на сточарите со земните предатори,  како што се волци, лисици, шакали,  но,  најчесто жртви се корисни птици како што се мршојадци, орли, ловечки кучиња, а најретко жртви се волци и други штетни животни.

„Нелегалната употреба на отров е нешто со кое што се среќаваме децении со ред. Причина за исчезнување на голем број видови диви животни во Македонија, На Балканот па и во Европа. Царските орли се под строга законска заштита, но и покрај тоа сеуште губиме голем дел од популацијата на овие птици“ вели за канал 77,  Лисичанец.

Тој објаснува дека мртвите птици ги пронашол откако два дена по ред добивал сигнал од сателитските трансмитери дека птиците се на исто место. Тоа го натерало да започне со пребарување на теренот.

„Кога отидов да проверам што се случува, можев да видам дека птицата е мртва. За жал на десетина метра од неа беше и нејзината партнерка од двојката. На педесетина метри најдов и мртов шакал, животно кое исто така е трајно заштитено со законот за ловство, но знае да направи штети“ додава овој голем љубител на природата и птиците и објаснува дека заради насилната смрт на ретките птици веднаш ја известил полицијата.

Задоволен е од реакцијата на институциите и вели дека резултатите од токсиколошките и бактериолошки анализи во Ветеринарниот институт ќе покажат што точно ги усмртило овие птици, заштитени со закон.

Како резултат на труење во последниве десетина години популацијата на птиците мршојадци е доведена на критична точка пред исчезнување од нашата територија и покрај огромните напори на поединци ентузијасти за нивно зачувување. Многу тешко се доаѓа до информација за случаи на труење така да голем дел од нив се провлекуваат незабележани или пак се дознава предоцна.

Ангел Данов