Флeкенштајн и Кукан ќе го спасуваат процесот „Жан Моне” – ММС
ММС

Објавено на: 02/26/19 11:55 PM

Флeкенштајн и Кукан ќе го спасуваат процесот „Жан Моне”

Флекејнштајн и Кукан, двајца од тројцата европратеници задолжени за процесот “Жан Моне” во петок ќе пристигнат во Македонија и ќе се обидат да го деблокираат дијалогот. Третиот Вајгл не доаѓа, откако ВМРО-ДПМНЕ повторно го блокираше со образложение дека политички се притвораат нивни истакнати членови. И денеска ВМРО-ДПМНЕ останува на својот став дека го замрзнува членството во “Жан Моне”.

-ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го замрзне учеството. Со секоја почит кон процсот, кон европските вредности и обидот за градење на  демократска држава, меѓутоа во услови во кои опозицијата е подложена на политички прогон апсолутно не би можеле да учествуваме во една таква инсценирана атмосфера во која се глуми деморкатија, а реалноста е нешто сосема друго, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Новата рунда разговори требаше да се одржи на 28 февруари и на први март во Скопје,  за да се продолжи атмосферата на соработка, договор, барање на компромиси меѓу власта и опозицијата, но е откажана поради неможноста да се постигне меѓупартиски компромис. Коалициските партнери СДСМ и ДУИ сметаат дека процесот треба да продлжи.

-Процесот на “Жан Моне” е многу важен од аспект за спроведување на реформите во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија. Јас жалам што ВМРО-ДПМНЕ исклучиво заради нивни внатрепартиски тесни интереси одлучија да не учествуваат во самиот процес. Впропем, во истот тој процес се решаваат и надминуваат преку разговори, преку дијалог и компромис сите разлики и несогласувања што ги имаме . Нормално кога еден од чинителите не сака да учествува во тој процес кој е од суштинска важност за граѓаните треба да понесе соодветна одговорност, рече портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.

-ДУИ силно го поддржува процесот за помирување на дијалогот и на консензуално решавање на реформските прашања во Собранието, дијалогот меѓу политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија продолжува и се надевам дека во најскоро време ќе се вратиме во нормалноста за да ги усвоиме 2/3 закони потребни за јунскиот состанок на Советот на Европа. Има простор за договор и во наредните недели ќе имаме конкретни резултати по сите тие законски решенија, рече Артан Груби од ДУИ.

Од Европа порачуваат дека процесот не е мртов и дека токму оваа година е суштинска, бидејќи нема време за губење до состанокот на Советот во јуни каде ќе се носат одлуките за подготвеноста на Македонија за отпочнување на преговори.