Дел од наставниците во основните училишта во Штип работат „на диво“, обвини денеска ВМРО ДПМНЕ.Според постоечкиот Закон за основно образование, наставниците може да засноват работен однос со или без јавен оглас на определено време, но не повеќе од 3 месеци!
Од партијата велат дека тоа значи оти склучените договори со наставниците на определено работно време од месец септември, се изминати на 30 ноември 2018 година и повеќе не се валидни. После овој датум надлежните институции имаа должност да одобрат финансирања до крајот на учебната година, а потоа училиштата да распишат јавни огласи за вработување на наставен кадар.
,,Меѓутоа, до овој момент ова се уште не се случило. Овие вработени наставници го немаат засновано својот работен однос врз основа на јавен оглас и работат со истечени и невалидни договори, при што се врши злоупотреба на службената положба од страна на сите инволвирани. Поради распишаните избори, училиштата се‘ уште немаат објавено огласи за вработување, што значи дека ангажираните наставници ќе станат „легални“ дури пред истекот на наставната година.Нерегуларностите во училиштата претставуваат грубо кршење на членот 82 став 1 и став 2 од Законот за Основно образование. Ги повикуваме надлежните институции да ја ја утврдат фактичката состојба и да ги отстранат овие нерегуларности со вработувањата во училиштата во Општина Штип,,посочи Весна Ничева од ВМРО-ДПМНЕ Штип.
Од општина Штип реагираа со писмено соопштение на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ
„… Ја информираме јавноста дека, по истекот на 3 месеци (согласно член 82 став 2) на вработените на определено работно време во образованието, им се продолжи договорот за вработување со анекс договор до распишување на јавен оглас.
Бидејќи согласностите од Министерство за образование и наука се добиени со распишување на претстојните редовни претседателски избори, секое училиште достави барање до Антикорупциска комисија, да даде мислење за распишување на јавен оглас.
Секое училиште ќе постапува според добиеното мислење од Антикорупциска комисија.
Бидејќи настапите и прес конференцииите на ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип се секогаш неосновани и неаргументирани, ДА, се согласуваме надлежните институции да ја утврдат фактичката состојба“.стои во реакцијата од Општината.


