Средба на Џафери со естонската амбасадорка во земјава – ММС
ММС

Објавено на: 02/26/19 6:13 PM

Средба на Џафери со естонската амбасадорка во земјава

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери оствари средба со амбасадорката на Република Естонија во Република Северна Македонија Кристи Карелсон.

На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери подвлече дека двете земји негуваат пријателски односи и се заблагодари за целосната поддршка што Република Естонија и ја пружи на Северна Македонија за интеграција во евроатланските структури, со цел да се обезбеди нејзина стабилност и просперитет.

Амбасадорката Карелсон истакна дека Република Естонија го гледа постигнатиот договор со Грција како алатка што треба да се искористи за отстранување на сите дилеми кај земјите членки за донесување на одлуката за почеток на пристапните преговори.

Таа исто така подвлече дека Република Северна Македонија има клучна улога во безбедносниот систем на Западен Балкан, особено што се однесува на солидарноста прокламирана како еден од основните принципи на членството на двете земји во Вилнус групата.

На средбата Џафери, сугерираше дека за нашата земја, споделувањето на искуствата во користењето на ЕУ фондовите, TAIEX и Твининг програмите би било корисно имајќи го предвид фактот дека Република Естонија е лидер во ЕУ со 90 отсто искористеност на тие фондови и потенцираше дека ИТ секторот, финансиските прашања, владеењето на правото се областите во кои би можеле поинтензивно да соработуваме.

Амбасадорката информираше дека во Естонија на 3 март 2019 ќе се одржат парламентарни избори, и поради тоа ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на РСМ во НАТО се очекува да биде во втората половина на оваа година.

Двајцата соговорници, стои во соопштението, се согласија дека има простор за интензивирање на билатералните односи меѓу двете земји на сите нивоа.