Бурна расправа на Управниот одбор на Здружението на новинари на Македонија(ЗНМ) предизвикала точката за предлог на новинарското здружение за член во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). ЗНМ е едно од овластените предлагачи што според законските измени, може да даде свој предлог за член на телото што ја релулира радиофузната дејност. Од пет пријавени кандидати на отворениот повик, мнозинството на Управниот одбор одлучило да го предложи поранешниот претседател на ЗНМ Насер Селмани. Одлуката не била едногласна, туку во сооднос шест членови за, а три против. Зошто Селмани, кој има слаби шанси да биде прифатен од републичкото Собрание, кое ги избира членовите, во ситуација, кога Селмани отворено настапува против политиките на власта, особено ДУИ, било едно од прашањата. На таков начин, со само еден предлог, ЗНМ има реална шанса да остане без свој претставник во АВМУ, биле аргументите на дел од членството на Управниот одбор на ЗНМ. Зошто да не се предложат повеќе предлози од ЗНМ, за што постои законска можност, па потоа Собранието да го прифати најпогодниот кандидат? Според дел од членовите со кои разговаравме, постои и прашањето дали актуелниот претседател Младен Чадиковски има направено договор со Селмани, кој во улога на претседател на ЗНМ на изминуваше мандатот отворено лобираше меѓу члентвото за Чадиковски, во замена за лобирањето, Селмани да добие место во Советот на АВМУ, каде месечната плата 100.000 денари односно четири просечни плати.
Актуелниот претседател Чадиковски негираше дека има дил меѓу него и Селмани, кој како награда за лобирањето би го добил местото во Советот на АВМУ.
-Не постои таков договор. Предлогот не е мој, туку на Управниот одбор. Сакавме да дадеме еден предлог за да се задржи истот качин на комуникација со институциите, а и да го избегнеме лобирањето. Политички не калкулираме , бидејќи ние сме новинарско здружение, изјави Чадиковски.
На прашањето дали со само еден предлог, ЗНМ би можело да го загуби местото во АВМУ, Чадиковски рече дека не мисли дека тоа може да се случи.
-Тоа би предизвикало штета по угледот и на Собранието и воопшто по угледот на државата во ЕУ и меѓународната заедница, доколку се случи да не биде прифатен предлогот на ЗНМ, кажа претседателот Чадиковски.Тој додава дека ЗНМ имаше јавен оглас, на кој се јавиле 4 кандидати. Двајца од нив претходно беа членови на јавни тела предложени од ЗНМ па мнозинството во Управниот одбор сметаше дека нема потреба да се поддржуваат луѓе што веќе имале функции.
Насер Селмани нема работно искуство во радиодифузна организација. Пред доаѓањето во ЗНМ , повеќе години беше новинар во весникот „Вест“. Во членот 14 од изменитиот Закон за АВМУ стои дека член на „кандидатите за членови на Советот кои се пријавиле на јавниот конкурс се должни да достават кандидатура во која детално ќе го наведат своето работно искуство и достигнувања во областа за која се стручни“ (член 14, Закон за АВМУ,2018).
Со одлуката на Управниот одбор на ЗНМ, овој предлог ќе го разгледува Комисијата за прашањата на изборите и именувањата, според законот, е должна да организира јавна расправа за кандидатите кои ги исполнуваат условите. На расправата ќе ги покани организациите кои дале поддршка на кандидатите, други медиумски и професионални новинарски организации, невладини организации од медиумската сфера и други релевантни субјекти.
ЗНМ е само еден од повеќе овластени предлагачи, што значи може да биде прифатен или одбиен. За конечната предлог-листа на кандидати за членови на Советот, Комисијата одлучува со двотретинско мнозинство. Потоа, Собранието на Република Македонија ги именува членовите на Советот со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство.
Инаку, челниците на новинарското здружение до сега успеале добро да се позиционираат. За илустрација е угледната организација МЦМС, каде Насер Селмани е член на Управниот одбор до 2022 година, додека извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски има место во Советот.


