Политиките на претседателот, Борис Трајковски беа од особен придонес за постојаната афирмација и за натамошно приближување на нашата земја кон Европската Унија и кон структурите на НАТО. Имаше дарба и стратегија да ги одржува еднакво важни и односите на нашата земја со САД и Русија и со Народна Република Кина – изјави денеска премиерот, Зоран Заев на одбележувањето на петнаесетгодишнината од авионската несреќа во близина на Мостар, во која Трајковски го загуби животот.
„Со својата знаменита и впечатлива фигура беше секогаш препознатлив и активен учесник на долга низа меѓународни настани, конференции и форуми главно на темите за решавање на конфликти, верска толеранција и слобода. Имаше само 47 години кога беше прекината неговата политичка кариера. Кога беше избран за претседател беше најмладиот претседател на држава и врховен командант во историјата на регионот. Тоа го определи Трајковски да му припаѓа на генерацијата млади и современи европски политичари. И не само заради возраста, туку и заради неговиот модерен политички пристап, Трајковски во фокусот на своето внимание и посветеност ги имаше натамошната демократизација на општеството, почитувањето на човековите права, зајакнувањето на граѓанското општество, развојот на пазарната економија, владеење на правото и борбата против корупцијата и криминалот“, изјави Заев на молитвениот појадок, кој го организираше Меѓународната фондација Борис Трајковски.
Заев додаде дека трагичниот настан кој се случи на денешен ден во 2004 година и судбината прекинале брилијантна политичка кариера и еден претседателски мандат во негова полнота:
„Неговиот живот трагично заврши токму на денот кога Република Северна Македонија требаше да направи уште еден голем чекор на својот пат кон интеграцијата во Европската Унија. На денот кога апликацијата за членство, потпишана и од него, требаше официјално да биде претставена во Даблин, во Република Ирска. Тој кобен ден, на 26 февруари, ги извршуваше своите претседателски обврски, тргна на пат да ја застапува и промовира нашата земја на меѓународната конференција во Босна и Херцеговина, а судбината одлучи дека, од претседателската функција, Борис Трајковски ќе замине директно во нашата историја. За жал, во делот на историјата на нашите тегоби, на нашите трагични загуби“.
По повод одбележувањето на петнаесетгодишнината од смртта, цвеќе на гробот на Трајковски во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел положија членови на неговото семејство повеќе делегации и граѓани.


