Верверичка осум години го посетува семејството кое ја спасило како бебе – ММС
ММС

Објавено на: 02/26/19 11:19 AM

Верверичка осум години го посетува семејството кое ја спасило како бебе

Кога Брентли Харисон и неговото семејство пред десетина години ја спасиле едномесечната верверичка откако била нападната од сокол, не знаеле дека со неа ќе воспостават врска што ќе трае со години, ја пренесува интересната приказна сараевски „Дневни аваз“.

Малата верверичка Харисонови ја нашле во близина на нивната куќа во Јужна Каролина, САД. Ја завикале Бела. Ја хранеле и ја чувале на сигурно. Откако закрепнала, бидејќи е диво животно, ја пуштиле во дивината. Не се надевале дека некогаш во иднина ќе ја видат. Се излажале.

Цели осум години Бела често доаѓала до нивната куќа. Тропала на прозорецот и чекала некој да ја види. Седела и пред врата, чекајќи да излезе некој од семејството, чувствувајќи го како свое. Кога седела со Харисонови во градината, целосно се опуштала и се дружела со сите.

Неодамна дошла со повредена нога. Знаела дека семејството ќе и’ помогне. Кога почнала терапијата и антибиотиците започнале да делуваат, едно утро Харисонови ги чекало изненадување – покрај Бела, во нејзиниот кафез забележале три бебиња што ги окотила ноќта. Бела, освен за неа како бебе, знаела дека од „своето семејство“ може да очекува помош и за своите три бебиња.