Мобилни телефони по келиите, од кои може непречено да се контактира, како и одредена количина марихуана, биле пронајдени по четврточниот инцидент во затворот Шутка, по кои лекарска помош побараа поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Ова во телевизиско интервју го потврди заменикот Народен правобранител Васка Бајрамовска, која кажа дека во затворот нема блокатори, бидејќи тие тоа го провериле.
-Направени се претреси кај лицата што учествуваа во овој инцидент, беше кажано дека се земени предмети кои не се дозволиви со куќниот ред. Телефоните се веќе секојдневна појава. Ова е работа што Народниот правобранител ја изнесе во јавноста и упати апел до надлежните органи, укажувајќи дека блокаторите на кои се повикуваат, не функционираат. Наши претставници се уверија, слободно можеа да свртат на телефон во одредени одделенија во притворскиот дел, каде што не треба да има такво нешто, затоа и постојат блокатори. Tелефоните се нешто за што и прiтворените и осудените кажуваат дека може да се добијат за одредена сума. Укажуваат на инволвирање на вработените, рече Бајрамовска.


