Ален Лероа, поранешниот специјален претставник на ЕУ во Македонија, на вечерашната дебата за покојниот претседател Борис Трајковски, посочи дека потпишувањето на Охридскиот договор не беше лесна задача за државата и за претседателот Трајковски. Дипломатот додаде дека верува оти во тоа време Трајковски не бил многу популарен кај народот, бидејќи, како што рече, беше храбар и не го кажуваше тоа што сакаше народот да го чуе, туку вистината.
– Во тоа време речиси секојдневно се гледав со претседателот Трајковски кој беше опседнат со судбината на земјата. Беше голем државник со високи вредности и вистински демократ кој ги ценеше луѓето. Сите лидери имаа целосна доверба во него и во неговата визија. Тој беше секогаш достапен кога требаше да се донесе некое важно решение. Имаше емпатија за сите. Доколку не го направеше тоа што го направи ќе беше могу страшно и ќе имаше граѓанска војна. Благодарение на него помалку луѓе загинаа, рече Лероа и додаде дека Трајковски беше вистински човек за помирување.
Верувам дека претседателот Трајковски, нагласи, беше инспирација за одллуките што ги донесоа актуелните политичари за отворање на евроатлантскиот пат на земјата.
– Верувам дека неговите вредности ќе останат инспирација за сите лидери во оваа земја, но исто така и во Европа. Соработував со него и можев да ја видам неговата визија и неговата одговорност во преземањето одлуки во корист на сите луѓе и во корист на земјата, потенцира Лероа.


