Професорката Гордана Силјановска, кандидат на ВМРО ДПМНЕ за претседател, во експозето за нејзиниот избор на конгресот на партијата, кажа дека има три основи за поништување на Преспанскиот договор. Во телевизиско интервју вечерва, Силјановска вели дека залагањето за поништување на договорот, воопшто не е национализам, туку владеење на правото.
– На крај на умот како професор по Уставно право не ми е да речам дека ќе го поништам или укинам Преспанскиот договор – таа надлежност му припаѓа на Уставниот суд, но нашиот Уставен суд е неуставен и ужива на комфорот на Вардар. И самиот може да иницира постапка и самиот можеше да донесе клучни одлуки и да добиеше посебна улога во демократизацијата на Република Македонија. Се повикувам на процедура, на почитување на Уставот на РМ, но и на меѓународното право, рече Силјановска.
Како што рече, „може да го сменете името, да го напишите на сите институции, јас тоа ќе го почитувам, но за да опстои нешто, мора да биде добро решение, прифатливо за граѓаните“.
Прашана за тоа како има намера да го спроведе процесот, кој може да води до поништување на договорот, Силјановска најави формирање на тим.
-Во рамките на надложностите, имам намера да формирам тим на домашни и меѓународни експерти, кои ќе укажат решенијата, кои не коренсподираат со меѓународното право.Се работи за поделена надлежност, нужна е синергија, дури и кога се работи за кохабитација. За разлика од Грција, кога претседателот и прмиерот делуваат како дуо, во Македонија тоа не беше само дуел, туку и целосна екскомуникација на претседателот.Сите се заколнаа на Уставот, дека ќе го почитуваат, а таму пишува дека меѓународните договори во име на РМ, ги потпишува претседателот. Во Преспанскиот договор нема име – едната страна е со звучно име Еленска Република, од другата е безимена, изјави Силјановска, која потврди дека не гласала за референдумот, но ги повика граѓаните да излезат на претстојните претседателски избори, бидејќи тоа е нивно демократско право.


