Средба на граѓанските активисти и антикорупционерите: Разговараа за целите и чекорите во претстојниот изборен период – ММС
ММС

Објавено на: 02/25/19 6:31 PM

Средба на граѓанските активисти и антикорупционерите: Разговараа за целите и чекорите во претстојниот изборен период

Преку мониторинг и набљудувачки активности, невладините организации ќе и’ помагаат на неодамна формираната Антикорупциска комисија во остварувањето на нејзината цел – сузбивање на корупцијата во земјава. Членовите на Комисијата и граѓанските организации кои работат на полето на антикорупцијата денеска се сретнаа за да се договорат како да ја зајакнат соработката во пресрет на претседателските избори.

Фото: Архива

Државната комисија за спречување на корупцијата треба да добие поголема гаранција за независност, бидејќи сегашната законска регулатива тоа не го овозможува. Ова е ставот на Џабир Дерала од ЦИВИЛ Центар за слобода, кој беше еден од претставниците на невладиниот сектор, што денеска се сретнаа со членовите на Антикорупциската комисија.

„Имавме повеќе од 10 месеци застој во ДКСК и може да се каже дека невладините и медиумите беа стражари и совеста на општеството. Ние имаме низа предлози, од денес па натаму имаме планови за тоа како ќе може да комуницираме на секојдневна основа за да бидеме противтежа на коруптивните политики во изборните политики. Сите треба да бидеме многу будни бидејќи има многу начини да се изневери довербата на гласачите Државата не смее да штеди на ресурси во борбата против корупцијата“, изјави Дерала на средбата која Комисијата за спречување на корупцијата ја организира во пресрет на претседателските избори.

Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска смета дека граѓанскиот сектор им е најголем сојузник во борбата против корупцијата.

„Денешната средба ја организираме во пресрет на претседателските избори, бидејќи сметаме дека од нивна страна ќе може да очекуваме помош и поддршка, но и значајни информации кои ќе ни помогнат да постапуваме доколку е тоа потребно“.

Марко Трошановски од Институтот за демократија смета дека државните институции имаат ограничени ресурси и помошта која може да добијат од невладините организации, според неа, би ја забрзала работата на полето на антикорупцијата, односно би ја направила поефикасна реакцијата на одговорните институции:

„Главната додадена вредност на нашата експертиза се мониторинг и набљудувачките активности кои ги правиме, со кои може да поднесуваме претставки и да даваме докази за откривање различни злоупотреби од власта на различни нивоа“.

Претходно, антикорупционерите остварија средба со Државната изборна комисија, со цел да се усогласат мерките и активностите кои ги преземаат двете комисии во изборната кампања, особено во делот на финансирање.