Антикорупциска ќе отвора постапки и за роднинските вработувања во јавната администрација во изминатите години – ММС
ММС

Објавено на: 02/25/19 2:44 PM

Антикорупциска ќе отвора постапки и за роднинските вработувања во јавната администрација во изминатите години

Државната комисија за спречување на корпуцијата се’ уште не ги доставила сите барања за проверка на осумнаесетте вработувања на роднини на функционери од актуелната власт. Комисијата ќе отвори постапка и за проверка на вработувањата кои се реализирале изминатите неколку години.

Антикорупциската комисија до јавните претпријатија каде се вработија родини на функционери од актуелната власт, се’ уште не ги испратила сите барања за достава на конкурсите за вработувања, приложената документација и договорите за вработување, кои треба да покажат дали и како функционерите од позиција на моќ влијаеле на процесите на вработување.

Претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска вели дека причината што се’ уште не се испратени сите барања се малите човечки ресурси со кои располагаат.

Постапката која се отвори по допрен глас се однесува на вкупно 18 роднини, вработени во јавните претпријатија, но и преку Агенции за привремени вработувања во јавната администрација. Постапката ќе продолжи и за оние кои најавија дека ќе ги напуштат новите работни места, бидејќи како што вели Ивановска, целта е да се подобри системот за вработувања. Антикорупциска ќе отвори постапки и за вработувањата на родинини на поранешни функционери, кои се вработиле во јавната администрација во некоја од изминатите години.

„Ќе отвораме нови предмети. Во текот на неделава ќе имаме трета седница и ќе отвориме нови случаи. Рековме дека ќе направиме пресек од 2015 година од кога се промени законската регулатива, но тоа не значи дека нема да го зголемиме примерокот и за претходен период“, најави Ивановска.

Од невладиниот сектор сметаат дека иако е голем фокусот на одговорноста што ја има Комисијата за спречување корупција, финализацијата на процесите сепак зависи од Обвинителството.

„ДКСК и на најдобар можен начин да го прави тоа што е во нејзиниот домен, ако имаме случаи како во минатото и Обвинителството не ги процесуира тие предмети, ќе останеме заглавени во круг на неодговорност“, порачува Марко Трошановски од Институтот за демократија.
Прептријатијата и институциите кои ќе добијат барања од Антикорупциската комисија во рамките на оваа постапка, ќе треба да одговорат во рок од 15 дена, кој почнува да тече од денот кога го примиле барањето.