Спасовски: Нема случаи на киднапирање и вадење органи, тоа се дезинформации – ММС
ММС

Објавено на: 02/25/19 1:13 PM

Спасовски: Нема случаи на киднапирање и вадење органи, тоа се дезинформации

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ги нарече дезинформации и шпекулации информациите во јавноста и на социјалните мрежи во врска со исчезнатите лица во земјава, за наводни киднапери и за наводна препродажба на човечки органи.

-Ниту има случаи на киднапирања, ниту пак на лицата кои во последно време си го одзедоа животот им недостигале органи. Во Северна Македонија нема ниту еден случај на убиство за вадење органи, изјави Спасовски на прес конференцијата во МВР.

Тој исто така рече дека се неточни и наводите дека расте бројот на исчезнати лица.

-Статистиката покажува дека во 2018 имало 370 пријавени исчезнати, а во 2014 – 574 лица. Денес МВР е транспарентна институција, за разлика од претходно кога од јавноста се криеја и убиства, рече Спасовски.

За случаите на исчезнатите, тој рече дека најчесто завршуваат со самоубиства и затоа МВР ја почитува приватноста на семејствбата и не објавува повеќе информации за тоа.

Тој побара трпение, бидејќи како што рече Одделот кој работи на оваа проблематика е ангажиран 24/7, се реагира веднаш кога же се добие информација за некое исчезнато лице, но дека истрагите мора да бидат темелни и затоа треба повеќе време. Тој рече дека во ваквите случаи се работи до самиот крај и МВР нема да се откаже од ниту еден ваков случај.

-Ширењето страв и лажни гласини не помагаат никому, а најмалку на семејствата. Дозволете без ширење лаги и шпекулации да ги донесеме исчленатите во нивните семејства и побрзо да ги расчистиме овие случаи, рече Спасовски.

Во овој контекст, тој како пример посочи дека поранешен началник во МВР објавил статус на Фејсбк со целосна измислица и лага и на тој начин, понатаму ваквите дезинформации се пласираат во медиумите.

,,  Кога имаме случај на исчезнато лице, важно е полицијата да добие повеќе информации за пократко време. Споделете ги карактеристичните планови на исчезнатото лице. Обезбедете фотографија на исчезнатото лице. Водете грижа за лицата кои имаат здравствени проблеми. Не ги оставајте без придружба и надзор. Дозволете без шпекулации да ја работиме нашата работа“, истакна Спасовски.