Захариева-Димитров: Заеднички интерес е Северна Македонија да е дел од НАТО и ЕУ – ММС
ММС

Објавено на: 02/25/19 11:39 AM

Захариева-Димитров: Заеднички интерес е Северна Македонија да е дел од НАТО и ЕУ

Брзата ратификација на Протоколот за прием во НАТО во бугарскиот Парламент, е добар пример за тоа колку е силна поддршката на Бугарија и колку за нас е стратешки важно Северна Македонија да биде дел од Алијансата – изјави бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева по денешната средба со министерот, Никола Димитров во Софија.

„Се надевам дека во декември во Лондон ќе бидете полноправен сојузник и оти дотогаш ќе заврши ратификацијата на Протоколот во сите национални парламенти. Важно е во јуни да ги почнете и преговорите за членство во ЕУ“, изјави Захариева. Таа искажа и задоволство од работата на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања, но и надеж дека ќе се интензивира и бизнис соработката меѓу двете земји.

Според неа, по десетгодишен прекин, во почетокот на март ќе се состане заедничката економска комисија, чија главна тема ќе биде инфрастурата. Захариева најави и бизнис форум со учество на над 100 бугарски компании.

„Треба да ја поправиме историската неправда на лошата инфраструктура што ја имаме меѓу двете држави, треба да го стимулираме бизнисот и граѓаните од двете земји да соработуваат, да се поврзуваат и да градат пријателство врз основа на вистината“, рече Захариева.

Министерот Димитров оцени дека по потпишувањето на Договорот за добрососедство направен е значаен напредок во соработката меѓу Скопје и Софија.

Приближувањето меѓу двете земји, вели Димитров, не треба да биде само политички, туку и економски. Тој изрази благодарност за бугарската поддршка за НАТО и ЕУ.нСпоред него, треба да се поправат сите историски грешки меѓу Бугарија и Северна Македонија за да може билатералните односи да се постават на здрави основи. Треба да направиме се’, двете земји да продолжат да бидат пријателски настроени – додаде Димитров.