Кавадарци ќе се справува со комуналниот отпад – ММС
ММС

Објавено на: 02/25/19 9:14 AM

Кавадарци ќе се справува со комуналниот отпад

Меѓу првите општини Кавадарци ќе влезе во групата на зелени општини каде ќе се третира и обработува комуналниот отпад. Наместо на депонија, отпадот ќе се носи до индустриска постројка која ќе го преработува. Кавадаречкиот совет на една од своите седници едногласно ја прифати физибилити студијата која беше подготвена за да ја утврди оправданоста од обработката на комунален отпад. На седницата беше истакнато дека со имплементација на оваа студија ќе се избегне депонирањето на постојните депонии кои не се регулирани, а со тоа ќе се избегне загадувањето кое е големо.

„Законска обврска е на секое комунално  претпријатие да се справува со отпадот. Ние мора да се бориме и да стигнеме до повисоко ниво на култура за да не се гушиме во сопствениот отпад. Ако направиме еден ваков систем и го обработуваме делумно отпадот, ние ќе бидеме меѓу првите зелени општини. Најголемата придобивка е што отпадот од органско и неорганско потекло ќе биде селектиран и обработен. Тој отпад од околу 30 отсто што не може да се обработи ќе се врати на депонија,  но тоа е без опасен отпад. Нашата постоечка депонија е повеќе од 30 години и не знаеме во каква состојба е и што се испушта од неа“ вели градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанев и нагласи дека постојната депонија е  потенцијална опасност за загадување на градот.

Истата пред две години се запали и беа потребни 15 дена за нејзино гаснење – додаде Јанчев.

Студијата која ја усвои советот ќе го регулира депонирањето и управувањето со отпадот најмалку пет години,  се до изградбата на регионална депонија што е обврска и на што работат општините од Вардарски плански регион.

„Во Кавадарци постојат три не регулирани депонии. Истите не се подложни на  никакви инспекциски надзор, а сето тоа влијае врз квалитетот на животната средина. Оваа физибилити студија е во согласност со интересите на општина  Кавадарци  и нема финансиски импликации од нејзиното имплементирање за општината “рекоа изготвувачите на студијата.

Со имплементација на оваа физибилити студија за третман на отпадот  ќе се превенира неконтролираното управување со отпадот, а превземениот отпад ќе се рециклира. Исто така ќе се регулира депонирањето на отпадот со доделување на концесија на постоен концесионер кој има постројка на територијата на општина Кавадарци. Комуналец наместо до нерегулираните депонии,  ќе го носи отпадот до компанијата.  Идниот оператор ќе управува само со комуналниот отпад,  кој досега се носеше на постојните нерегулирани депонии.

Ангел Данов