Фановите на Ливерпул се надеваат дека оваа сезона конечно ќе го прекинат долгиот пост и по 29 години ќе се радуваат на титула во Премиерлигата. „Црвените“ имаат ист број на бодови со Манчестер Сити но и натпревар помалку во пресрет на денешното гостување кај лутиот ривал Манчестер јунајтед.
„Ѓаволите“ откако замина Сер Алекс Фергусон во 2013 се мачат, и не само што не се блиску до битката за титулата, имаа и сезони кога не беа ниту во топ четири на табелата.
Оле Гунар Солскјер вели дека Манчестер јунајтед не смее да западне во пост како Ливерпул и додава дека е подобро да се постават високи цели и да не се остварат тие наместо да се тргне со премали очекувања и да се биде среќен кога тие ќе бидат остварени.
„Ја немаме освоено титулата неколку години и мораме да целиме кон враќање на шампионски патеки. Не смееме да дозволиле да бидеме среќни со тоа што сме во топ четири. Доколку целите ниско и го остварите она што сте го зацртале, тоа е многу поопасно од тоа да поставите високи цели и да не ги остварите“ – вели Норвежанецот.
„Тешко е тука да се освои првенството. Ова веројатно е најсилната лига и доколку погледнете, има само пет или шест тима кои триумфирале во Премиерлигата. Лестер успеа, и тоа беше чудо, претходно и Блекбурн стана шампион, а во другите случаи, неколку големи тимови ги поделија титулуте помеѓу себе“.
И покрај тоа што рече дека е прерано за психолошка војна со Јирген Клоп, Оле Гунар Солскјер реши да испрати мала провокација: „Дома имам многу пријатели навивачи на Ливерпул, и секоја година тие кажуваат дека ќе биде нивна. Но веќе во октомври велат, „ОК, следната година ќе биде“. Тие сега се во трката за титулата, и ги чека возбудлив финиш на првенството. Но тоа не е наша грижа. Ние мораме да се фокусираме само на она што не чека нас“.