Од затворот го потврдуваат инцидентот со поранешните министри Јанакиески и Ристовски – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/19 8:29 PM

Од затворот го потврдуваат инцидентот со поранешните министри Јанакиески и Ристовски

Управата на истражниот затвор „Скопје” во Шутка за Македонската информативна агенција го потврдува денешниот инцидент во кој биле инволвирани поранешните министри, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Од затворот велат дека најостро ги осудуваат ваквите вербални и физички инциденти, порачувајќи дека насилството нема да се толерира и најостро ќе се санкционира.

Попладнево околу 13 часот за време на редовна прошетка на притвореници дошло до вербален инцидент предизвикан од лицето С.Р. кон лицето Л.К. кој подоцна преминал во лесна физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот.

Околу 13:45 часот, повторно за време на редовна прошетка на притворениците дошло до друг вербален инцидент предизвикан од лицето М.Ј. кон лицето Е.К. кој подоцна преминал во физичка пресметка, но затворските служби веднаш ја прекинале истата.  За двата инциденти прибрани се писмени изјави од очевидци и известен е надлежниот суд – појаснуваат од затворот.

После инцидентите за лицата С.Р. и М.Ј. веднаш биле обезбедени прегледи и соодветна грижа од домскиот лекар, а потоа лицето С.Р. не побарало дополнителна медицинска помош. Лицето М.Ј. се пожалило на болки поради што е упатено кон ГОБ „8 Септември”.

Ова во изјава за медиумите вечерва го потврди и директорот на затворот, Ѓоко Котевски, кој рече дека лицето кое е хоспитализирано веќе е вратено во затворот.

„Пред малку е донесено лицето М.Ј повторно во притвор. Тука е неговиот адвокат и тој ќе разговара со него. Првичните информации се дека тој нема скршеници, туку само нагмечувања“.

Тој не откри повеќе детали околу случајот, бидејќи рече дека не сака да преудицира“

„Ние секако ќе почнеме постапка, денеска веќе работиме на тоа. Постојат камери, видео надзор, овластени службени лица вршат мониторинг на тој процес и се прибавуваат изјавите“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва обвини дека  државата не успеала да ги заштити животите, ниту на Јанакиески, ниту на поранешниот министер Спиро Ристоски. За овие случувања, рече, ќе ги информира сите релевантни меѓународни институции.