Да не беше трагично, ќе беше многу смешно – вака портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски ја коментира изјавата на министерот, Дамјан Манчевски, со која тој ги повика вработените родини на функционерите од власта да се повлечат од работните места, но побара тоа да го сторат и роднините на поранешните, односно актуелните функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Арсовски оваа изјава, ја оцени како обид за дефокусирање од како што рече тој, епидемијата на непотизам.
„Мора да сфатат дека две години ВМРО-ДПМНЕ не е на власт и дека е на власт СДСМ и дека министри се од редовите на СДСМ, исто како што Дамјан Манчевски е министер на СДСМ. Не знам можеби останува утре да излезе Манчевски и да почне да ја убедува јавноста дека не е СДСМ на власт, дека ВМРО-ДПМНЕ е на власт и дека во јануари, во февруари, пред тоа ВМРО-ДПМНЕ ги вработуваше сите овие роднини на пратениците и на раководството од СДСМ како што беа Мира, Шуманска, Милева Ѓорѓиева и останатите“, изјави Арсовски.
Дел од функционерите од редовите на СДСМ веќе најавија дека нивните родини ќе се повлечат од работните места, но такви најави од ДУИ засега нема.
Министерот за економија, Крешник Бектеши чија сестра од неодамна е вработена во МЕПСО рече дека нема да бара таа да си даде отказ, бидејќи немал влијание при нејзиното вработување.
Алијанса за Албанците пак, денеска реагираше за вработувањето на сестрата на тетовската градоначалничка, Теута Арифи, која е на позиција заменик директор во основното училиште „Истикбал“.
Алијансата за Албанците побара оставка од Адеми, бидејќи како што велат тој е марионета кој со своите одлуки им носи штета на Албанците и на учениците од целата држава.


