Заев: Мицкоски претера, ќе се консултирам дали да го тужам – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/19 4:37 PM

Заев: Мицкоски претера, ќе се консултирам дали да го тужам

Премиерот Заев денеска по средбата со претседателот на БЕСА Касами кажа дека ќе се консултира со адвокати дали да го тужи Мицкоски за обвинувањата кои ги искажал вчера на прес конференција.

„Ќе кажам забегана работа, затоа што се претера со зборовите кои се употребуваат. Јас сум  бил во притвори, со одземени пасоши, сум објавувал политички бомби, но сум внимавал на зборовите што ги користам. Ќе ги консултирам моите правни советници дали треба да го тужам затоа што иницира за обиди за убиство, зборува  за некаква жестокост, тоа што го зборува, зборува за него, но тоа е најблаго кажано забегано“ кажа Заев.

Вчера, претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски по приведувањето на Вељановски, Ристовски и Јанакиевски одржа прес конференција на која Заев го нарeче деспот и му најави „жесток крај“.

„Институциите на чие чело е деспотот, деспотот Заев, се разнишани. Апси, можеш и да нарачуваш убиства, но, едно да знаеш нема да ти се исплашиме и ќе те поразиме.

СДСМ знае дека паѓа и сакаат да внесат страв, да го деморализираат ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните на Република Македонија, тие сакаат да се збори за притвори, за апсења, за изживувања за да не се збори за вакцините кои убиваат, за здравството на Филипче кое убива, за не работа на Спасовски која убива, за Кочо и Тевдовски кои безмилосно го осиромашија народот, за тендерите и богатењето на брат ти Вице Заев, братучед ти Трајче Заев, за очајните земјоделци и излажаните пензионери. Се е јасно, готов си и за тебе крајот ќе биде жесток“, кажа Мицкоски на прес конференцијата.