ЗНМ: Министрите да научат да комуницираат со новинарите – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/19 3:54 PM

ЗНМ: Министрите да научат да комуницираат со новинарите

Министрите треба да научат да комуницираат со новинарите  – порача денеска Здружението на новинари на Македонија. Оттаму преку соопштение денеска го осудија вчерашното однесување на министерот за економија, Крешник Бектеши кон новинарката Милка Смилевска.

Имено, откако новинарката го праша Бектеши како неговата сестра се вработила токму во период кога тој станал министер, тој и одговори со контрапашање.

„А вие зошто не работите во друга телевизија, туку во оваа телевизија“, изјави Бектеши.

ЗНМ денеска го потсети министерот Бектеши, но и останатите министри во Владата дека новинарите се гласот на јавноста и нивна работа е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека министрите треба да дадат одговори на тие прашања.

Ова особено важи во случаи кога има сомнежи за злоупотреба на должноста од страна на функционери во власта. Ова не е прв случај на непримерно однесување на министрите на оваа влада. ЗНМ веќе реагираше на етикетирањето и притисоците кои беа извршени врз новинарите од страна на други владини министри – истакнуваат од Здружението.

Оттаму го повикуваат премиерот Зоран Заев сериозно да разговара со своите министри бидејќи, како што велет, ваквите изјави и однесувања се непримерни и директно ја загрозуваат слободата на медиумите и слободата на изразувањето.