За СДСМ платите растат, опозицијата вели тоа важи само за роднините на функционерите – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/19 2:03 PM

За СДСМ платите растат, опозицијата вели тоа важи само за роднините на функционерите

Во 2018 година забележан е најголем раст на просечната плата во земјава во последните девет години – тврди портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов. Тој денеска на прес конференција порача дека платите растат и се’ повеќе пари завршуваат кај граѓаните.

„Просечната нето плата во декември 2018 година изнесувала 25.784 денари, што е зголемување за над 8 проценти во однос на декември во 2017 година. Само за една година просечната плата е поголема за речиси две илјади денари!  Ако во 2017 година растот на платите се базираше на подигнувањето на минималната плата, во 2018 година воочлив е ефектот на зголемување на продуктивноста на фирмите, новите и добро платени работни места“ изјави Костадинов.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, порачуваат дека платите растат само за роднините на функционерите од власта.

Трошоците за живот од месец  во месец се се повисоки, а граѓаните тоа го чувствуваат по нивниот џеб. Над 500 илјади граѓани живеат на прагот на сиромаштија и едвај врзуваат крај со крај, а власта ништо не презема. Државата оди кон дното, власта само во последната година задолжи нови скоро половина милијарда евра, пари кои ќе треба да ги враќаат идните генерации. Со тоа јавниот долг надмина 50% – велат од ВМРО-ДПМНЕ, од каде реагираат дека нема просперитет со власта водена од Зоран Заев.