Кучиња скитници нападнаа неколку граѓани на Неготино – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/19 1:59 PM

Кучиња скитници нападнаа неколку граѓани на Неготино

Проблемот со кучињата скитници во Тиквешијата и понатаму е присутен. Речиси нема недела да не се пријави во полиција случај на каснување од куче скитник.  Најновиот настан е пријавен вчера во неготинската полиција.

Четири бездомни кучиња нападнале шеесет и пет годишна жена од Неготино, која се здобила со телесни повреди во пределот на нозете.

„Вчера  околу 16,00 часот на улица „Ацо Аџи – Илов“ во Неготино Р.С.(65) била нападната од страна на неколку кучиња – скитници, при што, била касната во пределот на нозете“ информира портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.

Во кавадаречката болница вчера биле примени тројца пациенти кои имале повреди добиени по каснување од куче, а денеска е регистриран нов случај, потврди д-р Дано Кулев, хирург во болницата.

Граѓаните не се чувствуваат безбедно. Велат дека на секој дел од градот може да се сретне куче скитник.

„Страв ни е да се движиме по улиците. Посебно ни е страв за децата кога одат и се враќаат од училиште, бидејќи има многу често глутници со кучиња“ вели кавадарчанка.

Општините од Тиквешијата веќе имаат донесено програми за заштита на бездомните кучиња и граѓаните очекуваат дејствување на терен, за да се избегнат речиси секојдневните појави на каснување од куче.

Ангел Данов