Бидејќи повеќето од патниците во автобуската несреќа кај Ласкарци, на кобниот ден се враќале од работното место кон својот дом , Македонското здружение за заштита при работа укажува дека работодавачите треба да пријават како несреќа на работа.
-Според Законот за безбедност и здравје на работа (92/07) сите кои биле во работен однос, а патувале кон својот дом и се повредиле или загинале во сообраќајната несреќа, потребно е од страна на работодавачите да бидат пријавени во Државниот инспекторат за труд (http://dit.gov.mk/) како несреќи на работното место. Нагласуваме дека непостапувањето на овој начин е прекршување на Законот и е предмет на прекршочна постапка.
Со пријавата од страна наработодавачите, на повредените вработени ќе им следуваат следните законски можности:
- Да имаат можност во полн износ (100%) од платата да им биде исплатена за време на периодот на заздравување (имајте в предвид дека при боледување, а кое не е поврзано со несреќа на работното место, можно е исплатената плата да биде помала и до 70%);
- Отсуството од работното место да биде заведено како “повреда на работа”, а со тоа, во понатамошниот работен век, доколку се појават одредени компликации, истите да може да се утврдат од каде потекнуваат и да се придонесе за превенција;
- По враќањето на работното место, вработените е неопходно веднаш да бидат упатени на насочени медицински прегледи, а со тоа да биде утврдена нивната преостаната работна способност. Ова е исклучително важно за секој од нив индивидуално доколку се јават одредени ограничувања во можностите за нивно целосно исполнување на работните задачи, а со првенствена цел да се заштити здравјето и интегритетот на работникот!, соопштуваат од Македонското здружение за заштита при работа.


