Денеска се очекува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да поднесе барање во Собранието, премиерот Зоран Заев да поднесе неотповиклива оставка и формирање на техничка влада. Барањето за оставка на Заев, како што соопшти лидерот Христијан Мицкоски, е за да се испочитува принципот на т.н. Пржинска влада, според кој, премиерот поднесува оставка 100 дена пред избори, по што се заменува со технички.
-Не обвинуваа дека наводно сме барале избори, а сме молеле Бога да не ги добиеме изборите, еве сега ќе има можност тој, СДСМ, но и владејачката коалиција, владиното мнозинство да одлучат и да прифатат или да го одбијат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на следните неколку дена, па граѓаните на Република Македонија да видат кој е за, а кој е против предвремени парламентарни избори, кој бара, а кој моли Бога истите да не ги добие“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по вчерашната седница на највисоките партиски тела.
Според најавата, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе и иницијатива за распуштање на Собранието и организирање на предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските избори.
Од СДСМ на ова одговорија дека „за оставка единствено може да размислува Мицкоски, откако ќе биде поразен на изборите. Владата не размислува за оставка, туку за интерсите на граѓаните, соопштија од владејачката партија“.
-СДСМ е партија која на Македонија и донесе државнички историски успех и поради тоа ќе однесе голема победа на претседателските избори и на парламентарните, кога и да се одржат, стои во реакцијата на СДСМ.


