ЕУ и Обединетите нации ја поздравија ратификацијата на Преспанскиот договор – ММС
ММС

Објавено на: 01/26/19 6:33 PM

ЕУ и Обединетите нации ја поздравија ратификацијата на Преспанскиот договор

Законот според кој се ратификува и стапува на сила Договорот од Преспа е објавен во Службен весник на Грција, откако претходно, веднаш по ратификацијата од Парламентот, го потпиша и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ја охрабри Грција за ратификацијата на договорот од Преспа во парламентот со што се стави крај на 27-годишниот спор за името, оценувајќи дека тоа ќе помогне во промоцијата на напорите за постигнување на помирување и надвор од Европа. Гутереш изразил задоволство од завршувањето на процесот предвиден со договорот, кој, како што вели, е испреговаран под покровителство на Светската организација. Германската канцеларка Ангела Меркел е задоволна поради надминувањето на деценискиот спор за името. Канцеларката која го следи активно проблемот уште од Самитот на НАТО во Букурешт пред повеќе од една деценија додава дека сега, со преспанскиот договор, патот за земјата кон евроатланските интеграции е отворен.

„Ова е само мала, но многу важна вест, која има многу врска со војна и мир, како и со стабилност. При толку многу меѓународни кризи се мисли дека ништо не се придвижува нанапред“. – изјави Меркел.

Шефот на пратеничката група на социјалдемократите во Европскиот парламент, Удо Булман, смета дека македонскиот премиер Заев и неговиот грчки колега Ципрас би требало да добијат Нобелова награда за мир. Францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дриан ја поздравува ратификацијата на договорот од Преспа во грчкиот парламент со што овој суштински политички чекор ќе овозможи наскоро стапување во сила на историскиот договор што ќе стави крај на билатералниот спор стар повеќе од четвртина век.

„Сакам да ја поздравам храброста и решеноста што ја покажаа грчките и македонските лидери, особено премиерите Ципрас и Заев“.

Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев вели дека храброста на македонскиот и на грчкиот премиер е значајна не само за двете земји, туку и за целиот регион, поради што ќе бидат кандидирани за нобелова награда.