Де Лихт ја запали Каталонија: Барса треба да најде 60 милиони и да излезе на крај со Раиола – ММС
ММС

Објавено на: 01/25/19 2:38 PM

Де Лихт ја запали Каталонија: Барса треба да најде 60 милиони и да излезе на крај со Раиола

Војната на релација Барселона – ПСЖ на фудбалскиот пазар ја виде брилијантноста на директорскиот трилинг на Барса кој го искористи моментот на невнимание на „Паркот на принцовите“ и го укради Френки де Јонг во трансфер вреден 90.000.000 евра.

Водечките луѓе во ПСЖ се гневни, посрамотени поради фактот што речиси завршен трансфер уништија и најавија максимална офанзива на второто чудо од Ајакс, Матијс де Лихт, но како што стојат работите, францускиот шампион би можел и тука да доживее дебакл.

Веројатно најбараниот млад стопер во Европа моментално откри во разговор за холандските медиуми дека е пресреќен што неговиот најблизок пријател Де Јонг на крајот потпиша за Барселона, а самиот не ја затвори можноста во блиска иднина и самиот да го облече дресот на каталонскиот гигант. Напротив, со својата последна изјава се чини дека вратата никогаш не била пошироко отворена.

„Секој би сакал еден ден да заигра во Барселона. Знам што се зборува и пишува и јас не можам да ги спречам новинарите во тоа. Тоа е се дел од фудбалот. Сега кога Френки го заврши трансферот во Барселона, возможно е дека уште ќе се пишува за тоа, но во моментов единствено ме интересираат натпреварите на Ајакс. Ќе одам по својот пат и нема да брзам. Така се ќе биде во ред. Се надевам дека ќе имам добра сезона во Ајакс, можеби дури и повеќе сезони“, порача Де Лихт.

Според пишувањата на сите посериозни медиуми во Холандија и Шпанија, прашањето околу кариерата на Де Лихт ќе биде одлучено најдоцна до летово. Во Барселона со забрзано темпо работат Де Лихт да го привлечат да ги следи чекорите на својот пријател и да дојде на „Камп Ноу“. Клупските челници со него практично би го затвориле прашањето околу наследникот на Жерар Пике, кој во својат 32. година од животот повеќе не игра фудбал со истиот жар како претходните сезони.

„Мундо Депортиво“ тврди дека стручниот штаб во соработка со скаутите, па дури и со Роналд Куман, по подлабока анализа на пазарот донесе заклучок дека Де Лихт најдобро би се вклопил во системот на Барселона и дека не треба многу да се очекува околу реализација на овој трансфер. Особено бидејќи ПСЖ сега со сите сили сака да го возврати ударот и да и ја украде големата желба на Барселона.

Уште една голема пречка за Барселона во овој момент е економскиот аспект на овој трансфер. И покрај децениските односи со Ајакс, Барса нема да добие никаков попуст за Де Лихт, дури ни по издвоените 90.000.000 евра за Де Јонг. Ајакс постави цена на 60.000.000, а со оглед на тоа дека и ПСЖ е во игра, таа би можела да биде и многу поголема.

Освен тоа, не треба да се заборави ни агентот на Де Лихт Мино Раиола, агентот кој не простува на никого и веќе се пишуваше за тоа дека бара надоместок за завршениот трансфер од барем 10.000.000 евра! За Де Лихт бара плата од 12.000.000 евра, а познато е дека Раиола ретко кога многу отстапува од зацртаните цели.

Преземено: Спорт Клуб