Минатата година на подрачјето на СВР Тетово биле откриени и пријавени вкупно 143 кривични дела од областа на недозволена трговија и користење на наркотични дроги, во кои вкупно биле инволвирани 160 лица, односно сторители, а против кои се поднесени 138 кривични пријави.
Сто триесет и пет од овие кривични дела се „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, додека 8 се „овозможување на употреба на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.
Во овој период, во кривична постапка најмногу пронајдени и одземени се : марихуана, хероин, мешавина од хероин и тутун, кокаин, стебла од „канабис сатива”, семки од истото растение, екстази и друго.
Во откриените случаи на ова подрачје посебно доминираат марихуаната (118 случаи), хероинот ( 7 случаи ) и кокаинот ( 6 случаи ).
Меѓу инволнираните во овие кривични дела, најбројни се машки лица ( 157 ) и 3 женски лица.
Инаку, споредено со претходната 2017-та година, лани биле откриени 88 кривични дела повеќе или искажано во проценти, вкупната откривачка функција, односно реализација на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово бележи зголемување за 62 проценти.
Полицијата особено ги засили акциите за откривање на дрога во полошко во последните месеци лани, а ваквите активности продолжија и во новата година. Во јануари во неколку наврати беа фатени и приведени лица кај кои полициските службеници пронашле наркотични средства, најчесто марихуана или кокаин.


