Скопјани утре излегуваат на протест против аерозагадувањето. Од надлежните се бараат долгорочни решенија, а не мерки кои удираат по џебот на граѓаните.
Собирот почнува во 13 часот пред Собранието на Република Македонија. Организаторот на настанот, граѓанската иницијатива „Канцерогено општество“, најави дека од таму ќе се маршира до Владата.
Активистите кои денес го најавија утешниот протест, апелираа до властите да не го злоупотребуваат истиот за свои цели.
„Добредојдени се сите експерти, еко активисти и загрижени граѓани кои преку конкретни предлози ќе може да помогнат да изнајдеме решение. Имавме можност да видиме колку сегашните институции се спремни во решавање на ова алармантна состојба и затоа ни е потребна масовност, да се избориме сами за почиста средина“, изјави Кристијан Узунов од „Канцерогено општество.
Тој и останатите активисти бараат владата да свика итна седница за проблемот со загадениот воздух. Да вклучи експерти и претставници од граѓанскиот сектор во контролата врз големите загадувачи, но исто така и да престане со краткорочни мерки, како што е бесплатниот јавен превоз.
Здравствените власти како заштитна мерка најавија и бесплатни маски за хронично болните. Станува збор за неколку десетици илјади граѓани кои се уште чекаат на овие маски, иако министерот Филипче ги најави во декември.


