По АЕК и АВМУ си ги покачува платите – ММС
ММС

Објавено на: 01/24/19 3:39 PM

По АЕК и АВМУ си ги покачува платите

Само неколку дена по распишувањето на оглас за избор на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудивизуелни медиумску услуги (АВМУ), актуелните членови, утре на седница треба да донесат одлука да си ги зголемат платите за 7 отсто. При тоа, оваа одлука се донесува во време на намалени приходи на Агенцијата, поради намалување на цените на лиценците  за 30%, како и на приходот од државниот буџет, кој со новиот закон се намалува од 1% на 0,7%. За членовите на советот, кои месечно земаат по четири просечни плати, или околу 100.000 денари месечно, дополнителни 7000 денари добро ќе дојдат.  Во вакви финансиски услови  на намалени приходи, кога интензивно се зборува за превработенот во администрацијата, се вработуваат уште  шест нови извршители, кои покрај 74-те вработени, на платен список на АВМУ ќе бидат 80 луѓе. За споредба, агенцијата во Хрватска, која ја има истата функција , има само 24 вработени. Се поставува прашањето, дали на заминување се вдомуваат посточеките, кои во меѓувреме не успеале да го регулираат статусот?

И тоа не е се’ од изненадувањата на овој состав на Советот на Агенцијата кој ги брои деновите на овие позиции.  На утрешната седница ќе бидат донесени одлуки за јавни набавки за нов договор со агенција за добивање податоци за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици, услуги за одржување на интернет страната и особено индикативно, нарачка за изработка на ревизорски извештај. Ова последното е особено дискутабилно и го поставува прашањето дали ќе се потрошат пари за да се добие финансиски извештај по мерка на актуелниот состав.

Неодмна, ресорниот министер Дамјан Манчевски изјави дека по донесувањето на законот, улогата на Советот на АВМУ ќе биде само техничка. Според министерот, до доаѓањето на новиот состав по завршувањето на огласот што е во тек, актуелниот состав не може да донесува значајни одлуки, да одлучува за дозволи, туку само да ги врши неопходните работи.

Наместо тоа, Советот на АВМУ одлучи да троши, да вработува и да нарачува финансиски извештаи.