Анализа: Отворени институции и подобра едукација на младите новинари за поттик на истражувачкото новинарство – ММС
ММС

Објавено на: 01/24/19 2:49 PM

Анализа: Отворени институции и подобра едукација на младите новинари за поттик на истражувачкото новинарство

Со поотворени институции, подобра едукација на младите новинари и поголема соработка на медиумите до истражувачки стории кои ќе и’ сервираат на публиката длабински анализи за општествените случувања. Истражувачкото новинарство денеска тема на дебата во Скопје.

Државните институции стануваат поотворени и потранспарентни, но тие и понатаму треба да работат на менување на културата на однесување, бидејќи не секогаш им ги даваат на новинарите податоците што ги бараат – порачаа денеска учесниците на дебата за Истражувачко новинарство. Настанот го организираа Центарот за граѓански комуникации, НВО Инфоцентар и Балканската мрежа за истражувачко новинарство БИРН.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски вели дека токму истражувачкото новинарство е гарант за спроведување на Националната стратегија за отворени податоци. Тој вели дека неговиот ресор има проблем со постигнување на законските рокови во кои треба да одговори на барањата за пристап до јавни информации, но порачува дека доколку институциите редовно ги ажурираат своите веб страници, ќе се намали бројот на таквите барања, чии одговори некогаш бараат опсежни анализи:

„Имаме институции со кои не треба да се појаснуваме, ја согледаа потребата на општеството од нивното работење, но има институции каде се уште недоволно се реагира во однос на објавувањето на податоците“.

Министерот без ресор, Роберт Поповски се пофали дека Владата работи отворено и транспарентно, но потпретседателката на ЗНМ, Филјана Кока забележа дека таквата транспарентност е селективна:

„Во однос на тоа што претставува транспарентноста има големи дискрепанци. Од 83 општини во земјава за кои минатата година направивме анализа, 60 % од нив не одговорија колку јавни пари даваат на медиумите. Министерот може да каже дека тоа се некои локални шерифи, но сепак тоа се градоначалници кои некако коренспондираат со политичката партија на власт и ако има политичка волја, тоа може да се смени.“

„Комисијата за пристап до јавни информации е обезглавена и немаме никаков одговор. Ако не се сменат законските рокови, бадијала зборуваме за истражувачко новинарство“, додаде новинарката.

Поповски не се согласи со забелешката:

„Владата ги презентира своите политики и информира за нив. Секогаш е отворен простор за новинарите да се обратат. Ако има проблем, укажете. Тоа сепак мислам дека не се случува“.

Истражувачките приказни кои ги пласираат медиумите во земјава се во подем. Анализата која денес ја презентираа организаторите на дебатата покажува дека застапеноста на овие стории во медиумите е за пет проценти зголемена во однос на 2016 година. Познавачите порачуваат дека иако оваа бројка е мала, сепак е значајна. За да продолжи трендот кој го оценуваат како позитивен, апелираат на поголема соработка во медиумската индустрија, но и промени во домашниот образовен систем со кој младите новинари би добиле подобра едукација.

Претседателот на ЗНМ пак, Младен Чадиковски потенцира дека јавноста има тешка задача да одбере што е квалитетно истражување, а тоа како што смета тој, тешко го наоѓа својот пат до мејнстрим медиумите, кои треба да бидат стожер на истражувањето и анализата.

Чадиковски лоцира повеќе причини за ваквиот проблем во мкедонскиот медиумски простор:

„Причините за тоа се децдениското уништување на медиумскиот простор, јавните пари што влегоа во медиумите, ослабување на финансиската состојба на сите медиуми кои се помалку вложаат во редакциите за истражување. Многу повеќе вложуваат во серии, телевизиски шоуа како пропаганда во обид да дојдат до реклами“.

Дополнително, проблемот го продлабочува и новинарската едукација

„Имаме и недостиг на школуван кадар, особено меѓу младите. Новинарството стана неатрактивна професија и денес ретко може да најдеме кадар кој би продуцирал добри истражувачки стории. Едукацијата на новинарите, медиумите ја сфаќаат како викенд работа, а не како работа. Тоа е еден круг, каде редакциите се недоволно моќни финансиски и не можат да си дозволат обуки“.

Анализата која денеска ја презентираше невладиниот сектор е изработена врз основа на мониторинг на 10 медиуми во периодот 2016 – 2018 година. Документот е дел од проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“, кој го финансира Европската унија.

 

Вања Мицевска