Платите во богатиот АЕК пораснале и лани – ММС
ММС

Објавено на: 01/24/19 10:20 AM

Платите во богатиот АЕК пораснале и лани

Просекот од 58.000 денари месечна плата во една од најбогатите агенции – Агенција за електронски комуникации, од јануари се зголемува за дополнителни пет отсто. Комисијата на АЕК, чии членови секој поединечно добива по четири просечни плати месечно (по 98.000 денари) на 19 декември 2018 година одлучила да ги почести вработените со повисоки плати. На оваа седница, Комисијата заклучила дека платите се непроменети од 2015 година и треба да се прилагодат на порастот просечната нето плата, која изнесува девет отсто.

 

Но, извештајот од мониторингот на Евротинк, објавен во февруари 2018 година, покажува дека Агенијата за електронски комуникации (АЕК) во 2018 ќе потроши 5 милиони денари повеќе за плати на вработените во споредба со 2017, а бројот на вработени ќе остане ист како лани.

Вкупните планирани приходи и расходи на оваа агенција за тековната година се исти и изнесуваат 475.555.000 денари. Најголем дел – над 78 отсто, ќе се инкасираат преку надоместоците за користење на радиофреквенциите, а најмногу – речиси 33 отсто, ќе се трошат за капитални инвестиции, стои во мониторингот.

Во АЕК, агенцијата која во  јавноста  стана попозната по донацијата од еден милиони евра за Панорамското тркало, работат 129 луѓе, од кои само 30 се стручни лица. Главно тоа се советници, соработници и раководители. Директорот Сашо Димитријоски има 11 советници.  На платен список се сопруги, роднини, сопартијци од претходната власт. Во АЕК работат сопругите на Мартин Протуѓер и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, Христина Протуѓер (соработник за човечки ресурси) и Кристина Божиновска (раководител), потоа сопругата на сега осудениот во предметот „Тенк“, Ѓоко Поповски, Славица Поповска (раководител), а во АЕК е сместена и ќерката на новинарот Латас, Марија Павловиќ Латас (советник за логистика). Во Агенцијата е и поранешниот градоначалник на Штип, Зоран Алексов, а директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски таму ги има шурата – братот на сопругата, Боро Тодоровски (раководител) и кумот Ивица Велковски (возач).   Во АЕК е и сопругата на поранешен телохранител на Сашо Мијалков, Јасмина Бешлиева (раководител).