Доцнат маските за хронично болните граѓани – ММС
ММС

Објавено на: 01/23/19 8:10 PM

Доцнат маските за хронично болните граѓани

Хронично болните граѓани се’ уште ги чекаат бесплатните маски кои треба да ги заштитат од загадениот воздух, иако истите, министерот за здравство ги најави при крајот на минатата година.

Министерот, Венко Филипче најави дека државата на почетокот на годинава ќе обезбеди 42.000 заштитни маски за хронично болните, како една од заштитните мерки. Од неговиот ресор, сепак признаваат дека процедурата за нивно доделување доцни.

Министерството за здравство информира дека во тек е подготвителна процедура за постапката за набавка на заштитните маски, кои на пациентите ќе им бидат поделени штом заврши набавката. Таа  опфаќа 40.000 специјални маски кои штитат од ПМ 2,5 и ПМ 10 честичките. Имајќи предвид дека законските процедури за набавка на маските се долги, оваа процедура се одвива со мало доцнење – нагласуваат од Министерство и додаваат дека и за идната година се планирани вакви набавки, во зависност од потребите.