Законот за јазици ги подели СДСМ и ДУИ – од Владата тврдат нема конфликти – ММС
ММС

Објавено на: 01/23/19 7:27 PM

Законот за јазици ги подели СДСМ и ДУИ – од Владата тврдат нема конфликти

Се ниша ли единството во коалицијата СДСМ – ДУИ по донесувањето на Законот за употреба на јазиците? И покрај спротивставените ставови на премиерот, Зоран Заев и вицепремиерот, Бујар Османи во однос на овој Закон, владиниот портпарол, Миле Бошњаковски тврди дека во Владата нема никакви конфликти ниту пак судири.

Откако премиерот Зоран Заев во телевизиско интервју посочи дека околу овој закон не смее да има импровизации и дека е важно мислењето на Венецијанската комисија која ќе го „чешла“ целото решение,  лидерот на ДУИ, Али Ахмети излезе со став дека мислењето на Венецијанската комисија ќе биде важно само за двата спорни члена кои се однесуваат на одбраната и банкнотите.

И покрај спротивставените ставови, вицепремиерот, Бујар Османи денеска изјави дека нема конфликт меѓу коалициските партнери околку имплементацијата на Законот:

„Немаме недоразбирања, може да има само различни интерпретации за тоа кој член треба да се прати во Венецијанската комисија.Мислам дека тоа што треба да се оценува од Комисијата се двата члена кои се оспорени а нормално е да се поднесе целиот закон за да се провери суштината. Не мислам дека Венецијанската комисија треба да оценува колку и каде треба да се употребува албанскиот јазик.Тоа го одредува Уставот и измените направени после Рамковниот договор“.

Со сличен став е и вицепремиерката, Радмила Шекеринска. Според неа, Македонија нема зошто да се плаши ако различни партии имаат различен став.

„Ако не би имале разлики во нашите ставови би биле една партија, а тоа значи дека ќе се вратиме во едно минато и завршено време. Коалициските партнери имаат претходно изграден консензус околу сите крупни прашања и да не беше тој консензус ние немаше да стигнеме до таму каде што сме. За година ипол од заробена држава да стигнете во држава која е поканета и седи на масата на НАТО, не беше лесно. За да се случи тоа ни помогна кохезијата внатре во коалицијата и ни помогна фактот дека можевме да го добиеме на своја страна гласот и на луѓе кои се надвор од нашата коалиција“, изјави Шекеринска.

Претседателот на Собранието пак, Талат Џафери смета дека Владата имал право да го испрати законот на проверка. Албанскиот јазик како службен во законодавниот дом ќе се користи откако собраниските служби ќе се подготват за тоа.