„Комунална хигиена“ и ЈСП Скопје ќе се „подноват“ со нов кадар: Планирани 700 вработувања – ММС
ММС

Објавено на: 01/23/19 6:55 PM

„Комунална хигиена“ и ЈСП Скопје ќе се „подноват“ со нов кадар: Планирани 700 вработувања

Советници, соработници, раководители на сектори, раководители на одделенија…ова се дел од кадрите со кои ќе се „поднови“ Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, иако годинава во пензија заминуваат само 29 луѓе.

Таму според планот на самото Претпријатие и на Град Скопје се планирани 300 нови вработувања, што според опозицијата претставува давање надеж и изборни комбинаторики за вработување на гласачи.

Градоначалникот Петре Шилегов во 2017-та година изјави цитирам „градските претпријатија се превработени“. А потоа изјави, цитирам: „1.200 вработени се вишок“. Што се смени за да Шилегов го промени и својот став? Дополнително пак градската администрација секојдневно се пополнува со тековни вработувања на партиски членови на власта. Се делат раководни позиции, а оние места кои се дефицитарни и понатаму остануваат празни. Има советници, но има  и инспектори кои што работат на терен без лиценци, ова навистина е вистинско безредие. Зошто Скопјани притоа мора да ги плаќаат партиските војници на власта кои ќе се вработат, наместо да добијат квалитетни и ефикасни услуги кои што им следуваат? – изјави денеска на прес конференција советничката Светлана Колариќ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашањето за новите вработувања беше едно од оние за кои се водеше жестока дебата на денешната седница на Град Скопје, каде директорот на Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани рече дека со новите вработувања трајно ќе се реши проблемот на работниците кои привремено се вработени преку агенции за вработувања.

„За жал, имаме ангажирани лица преку агенции за привремени вработувања, а досега не беа систематизирани. Можеби има луѓе кои на тој начин се ангажирани пред осум години, а нивниуот статус досега не е решен“, објасни Шабани.

Освен во ова Претпријатие, нови вработувања ќе има и во ЈСП, каде според планираното годинава ќе се вработат 233 луѓе. За наредната па, се предвидува вработување на уште нови 170 луѓе.