Со јавна набавка, Општината Струмица од скопската фирма Линк Медиа Плус набавила новогодишни украси и декорации за износ од 40.638 евра, што ја прави втората општина по Град Скопје, со највисок потрошен износ за празничното украсување. Од истата фирма, Град Скопје за истата намена потрошил дури 259.984 евра, што е за близу 70.000 повеќе од претходната година.
Според сајтот за јавни набавки, Кавадарци е следната општина, која не штедела на новогодишни сијалички и лампиони. Во две набавки потрошила 32.520 евра за новогодишно украсување и дополнителни 24.367 евра за одржување на новогодишното осветлување. Следи Општината Охрид со потрошени 30.292 евра за изнајмување на новогодишни декорации, Гевгелија со над 17.000 евра, Гази Баба со 13.000 евра и Тетово со 12.829 евра. Понатаму на листата на јавни набавки за новогодишно украсување се општините Валандово со 9.593 евра, Карпош со 6.700, Бутел со потрошени близу 6000 евра,колку што чини украсувањето за Крива Паланка и Ресен.
Најефтино поминале општините Велес, Шуто Оризари, Македонска Каменица и Новаци.


