Загадениот воздух и денес се најде меѓу темите на обвинувања од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Додека од оваа партија обвинуваат дека СДСМ имале лажни ветувања дека ќе го решат проблемот со аерозагадувањето, Владата се пофали дека ќе потроши 2 милиони евра за да ја спроведе Програмата за реализација на планот за чист воздух.
„Би сакал да напоменам дека илјадници граѓани се директна жртва на големото загадување на воздухот. Впрочем и Светската здравствена организација и Европската агенција за животна средина ги потврдија сомнежите на јавноста дека секоја година голем број на македонски граѓани ги губат своите животи како резултат на енормното аерозагадување“, изјави денеска на прес конференција Сергеј Попов, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ
„Ситуацијата е повеќе од сериозна, ситуацијата е алармантна, потребно е брза дејствување. Затоа денес ние како УМС на ВМРО-ДПМНЕ поставивме информативно пано на кое граѓаните ќе можат да се информираат за штетите кои ги предизвикува аерозагадувањето и исто така ќе поделиме флаери со кои што ќе ги информираме нашите граѓани за начините на превенција од штетите кои што ги предизвикува загадувањето на воздухот“, додаде Попов.
И покрај тоа што и оваа зима граѓаните секојдневно се гушат, Владата тврди дека борбата со аерозагадувањето е дел од нејзините стратешки приоритети. Програмата чие спроведување ќе чини два мил евра се заснова на 4 компоненти:
„Мерки за директно справување со причините за загадување, градење на јавната свест од предучилишна до пензионерска возраст, регулаторни промени неопходни за транзиција кон енергетски систем со ниска емисија и имплементација на платформа за координација и следење на реализација на Програмата“, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.
Во акцискиот план за намалување на аерозагадувањето за 2019-та година се вметнати и иницијативи на три граѓански организации коишто се однесуваат на изработка на посебна Веб страна, каде што на едноставен начин ќе бидат набројани сите мерки кои треба да ги спроведат државните институции и на инсталирање на филтри во малите и средни претпријатија, особено во оние од дрвната дејност.


