Се зголемува старосната граница на медицинскиот персонал во Делчево – ММС
ММС

Објавено на: 01/23/19 12:07 PM

Се зголемува старосната граница на медицинскиот персонал во Делчево

Во здравствениот дом во Делчево се поголем е бројот на лекари и медицински сестри кои поради старосна граница заминуваат во пензија. Младите лекари кои по завршувањето на студиите заминуваат во странство не можат да ги заменат, што придонесува на огласите за вработување се повеќе да аплицираат лекари и медицински сестри во своја подоцнежна возраст. Како што информира директорката на делчевскиот здравствен дом Марија Глигоровска последниот оглас за вработување на медицински сестри го потврдува тоа.

-Ние сега за сега во Делчево имаме доволно доктори и медицински сестри меѓутоа старосната граница на сите е поголема. Пред извесно време имавме оглас за медицински сестри, ние немавме пријавена медицинска сестра на возраст од 20 години. Сите беа на возраст од 35 до 40 години. Мислам дека прво вработување на тие години е многу доцна, вели Глигоровска.

Глигоровска додава дека делчевскиот дом пред 20 години го немал проблемот во однос на потребниот кадар. Поради лошото менаџирање во изминатите 15 години додава дека се јавил и проблем со недостиг од специјалисти.

– Иако во последните 15 години во Делчево има лекари кои биле пратени на специјализација, тоа се покажува дека не е доволно. Специјалистите кои работат во нашиот здравствен дом исто така се во подоцнежна возраст и затоа имаме итна потреба од специјализација. Иако ние како здравствен дом имавме 5 интернисти сега имаме тројца, тие поради старосна граница наскоро ќе заминат во пензија и затоа под итно треба да праќаме лекари на специјализација. Имаме одобрено специјализација за интерно и ќе го пратиме тој лекар во месец март годинава. Она што загрижува е што имаме друг проблем. Минатата година Министерството ни одобри уште двајца специјализанти по интерно и неврологија, но тие не можеа да појдат затоа што нема доволно ментори. Поради таа „дупка” која настана во последните 15 години, сме во неможност да го решиме тој проблем вели Глигоровска.

Во моментот здравствениот дом од Делчево има специјализанти по офтамологија и рентген, лекари кои за две односно три години би се вратиле во установата.

Валери Спасевски