Преку три концентрирани центри во светот, Македонија ќе ги презентира можностите кои ги нуди за странските инвеститори. Овие центри претставуваат модел кој ќе ги замени досегашните економски промотир – најави вицепремиерот, Кочо Анѓушев.
„Едниот центар ќе биде во Америка, веројатно на источниот брег, другиот во центарот на Европа во западниот дел на Германија од каде ќе може да се покријат и сите соседни земји, а третиот на Блискиот Исток. Тоа ќе бидат концентирани единици кои ќе имаат двојна задача. Првата ќе им биде да го информираат светот за нашите програми, да разговараат со странки инвеститори и да ги донесат во Македонија, а втората да презентираат македонски производи, односно тоа што ние како држава го произведуваме“, објасни вицепремиерот за економски прашања.
Откако Владата објави дека ги укинува економските промотори, беше најавено дека ќе се воспостават економски аташеа под контрола на економските ресори во владата. Иако во ноември 2017 Анѓушев соопшти дека со МНР направиле стратегија за избор на првите 20 економски аташеа кои ќе бидат испратени во места најатрактивни за македонската економија, тој денеска објави дека ваквата идеја се укинува:
„Согледавме дека согласно Закон економските аташеа треба да се од редовите на Министерството за надворешни работи, односно да бидат најмалку две години вработени таму. За жал таму нема таков специфичен кадар и затоа прибегнавем кон ова решение кое е пооптимална и поевтина идеја, а верувам и со поголем резултат“.


