Откако продукцијата Инсајдер објави дека подготвува тужба против телевизијата 1ТВ поради најава за емитување на истоимената емисија, телевизијата во сопственост на Бојан Јовановски се огласи со писмена реакција. Во соопштението испратено до медиумите попладнево, се наведува дека телевизијата во ниту еден момент не била обврзана за дозвола од српската „Инсајдер продукција ДОО“.
„Македонски инсајдер“ е телевизиски формат засебен за територијата на Република Македонија, во согласност со позитивните прописи на Република Македонија. Ништо нема да го спречи објавувањето на „Македонски инсајдер“ – велат од 1ТВ.
Од телевизијата појаснуваат дека терминот „инсајдер“ се користи за назив на медиуми на различни територии и неспорно е неговото користење од страна на Инсајдер продукција на медиум на територијата каде што се прикажува, Но, со оглед дека се работи за термин кој е транслитерација од англискиот збор „инсајдер“ што значи некој одвантре, 1 ТВ смета дека секоја сличност со форматот на содржина на клиентот на продукцијата е сосема случаен.
1ТВ посочува дека во името на емисијата што допрва треба да почне да се емитува стои и придавката „македонски“, па затоа како што велат оттаму, нема можност кај гледачите за да се создаде забуна во однос на Инсајдер продукција, а и во однос на тоа што е присутно во македонскиот етер.


