Град Скопје го укина бесплатниот јавен превоз, ДОМ апелира мерката да продолжи и во следните денови – ММС
ММС

Објавено на: 01/22/19 4:54 PM

Град Скопје го укина бесплатниот јавен превоз, ДОМ апелира мерката да продолжи и во следните денови

Од утре не важат владините мерки и препораки против загадувањето на воздухот. Причина за ова е тоа што на дел од мерните станици во Скопје, Битола Гостивар и Тетово, концентрацијата на ПМ10 честичките е под прагот на алармирање.

Мерките, како што соопштија денеска од Владата, остануваат да важат само во Струмица. Бесплатниот градски превоз во Скопје пак, се укина попладнево од 18 часот. Градските власти информираа дека мерките и препораките за намалување на аерозагадувањето ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот за што, како што тврдат од Град Скопје, граѓаните ќе бидат на време информирани.

И покрај расчистувањето на воздухот, Град Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило и да се користи јавниот превоз.

Сепак, Младинската организација на партијата ДОМ настојува бесплатниот автобуски превоз да продолжи и во наредните денови.

Имајќи предвид дека автомобилите се едни од главните извори на аерозагадување, стимулирањето на граѓаните да користитат јавен транспорт треба да е еден од приоритетите. По примерот на европските зелени градови каде што се мотивираат граѓаните да користат еколошки јавен превоз, апелираме до градот Скопје уште поинтензивно да се вклучи во борбата против аерозагадувањето – велат од партијата.