Ако не ги добијат парите за грозјето предадено во 2015 година во винарските визби „Стефанс вајнари“ и „Повардарие“ од Неготино лозарите ќе штрајкуваат. Од нивното здружение „Напредни лозари“ денеска најавија дека се подготвени и да го бојкотираат одбележувањето на празникот Свети Трифун, кога симболично започнуваат новите лозарски работи.
За проблемот кој ги мачи со години, се обратиле и до премиерот Зоран Заев и бараат средба со него. Вчера имаа средба и со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
„Денеска дополнително ќе се сретнеме со градоначалникот околу нашите барања и да утврдиме што понатаму. Најмногу не засега не исплатеното грозје за 2015 година“ вели Трајче Кулев, претседател на лозарското здружение.
„На лозарите од Тиквешкиот регион кои го предадоа винското грозје во Винарската визба Гарланд Агрофуд од Кавадарци во 2015 година, до денес не им е исплатено предаденото грозје. На лозарите не им е исплатено предаденото грозје и од други винарски визби, му напишале лозарите на премиерот.
„Јас сум сега во одборот за доверителио. Како што ја гледам ситуацијата е многу лоша. Сите ќе можат да наплатат, освен лозарите. За нив ако остане. Стварно време е лозарите да си ги добијат тие очекувани пари“ додава Кулев.
Лозарите бараат помош од премиерот, како што му пишуваат, тој да се вклучи во изнаоѓањето решение за да излезат од бедата во која се нашле.
Лозарите се без пари и не можат да ги поднесат трошоците за производство на овогодишната реколта. Лозарите буквално живеат во беда, децидни се од здружението “Напредни лозари”.
Ангел Данов


