ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе Закон за престанок на важењето на Законот за трговија на зелени пазари – ММС
ММС

Објавено на: 01/22/19 2:06 PM

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе Закон за престанок на важењето на Законот за трговија на зелени пазари

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ до Собранието ќе поднесе Закон за престанок на важењето на Законот за трговија на зелен пазари. Ова денеска го соопшти Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во чие отсуство овој Закон беше донесен од владеачкото мнозинство.

„СДСМ искористувајќи го отсуството на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Собранието набрзина како и сите останати закони, го донесе овој штетен закон без никаква консултација ниту со пазарџиите, ниту со експертската јавност. Ваквото брзоплето и несериозно носење на Закон за трговија на зелени пазари денес во пресрет на изборен процес очигледно не им одговара на СДСМ, па сега одлучиле одложување на стапувањето на сила на законот за после изборите. Повторно една провидна мерка која не ги решава проблемите на пазарџиите кои што протестираа за ова штетно решение на СДСМ“, изјави Мицевски кој најави дека ќе бараат во Собранието да се одржи јавна расправа на оваа тема во рамките на Комисијата за јавни прашања.

Дека Законот за трговија на зелените пазари ќе биде тема на собраниска расправа најави и министерот, Крешник Бектеши. Тој вчеравечер изјави дека оваа расправа ќе ја повика координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуип Алими .

Алими денеска се обрати на прес конференција, токму на оваа тема, но одби да зборува на македонски јазик. Претседателот на ЛДП и пратеник, Горан Милевски обидувајќи се да го одбрани од новинарите, кои настојуваа да ја добијат изјавата и на македонски, најави дека Алими ќе зборува и на македонски, но ништо од ветувањата. Тој сепак ја напушти прес салата.