Катругалос: Правото на самоопределување не може да биде дел од договор – ММС
ММС

Објавено на: 01/22/19 12:56 PM

Катругалос: Правото на самоопределување не може да биде дел од договор

Државите признаваат држави, а не народи или нации, самоопределувањето не може да биде предмет во договорите – порача грчкиот алтернативен министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос на денешната расправа на Комисијата за надворешни работи и одбрана, јави дописничката на МИА од Атина.

Катругалос објасни дека прашањата поврзани со државјанството се правни прашања, а прашањата за националниот идентитет и интеграцијата во една националност се прашања на свест и самоопределување.

„Грција не признава и не би можела да признае македонска нација или народ со овој договор“, рече Катругалос.

По неговото обраќање, дискусијата се прошири околу термините националност и државјанство.

Претседателот на Комисијата, пратеникот од СИРИЗА, Костас Дузинас, објасни дека терминот „Nationality” ја одредува правната врска на граѓанинот со државата, а терминот „Citizenship”, политичката врска на граѓанинот со државата.

Јоргос Кумуцакос од Нова демократија пак,  коментираше дека во договорот, во делот за државјанството требало да биде само терминот „државјанство на Северна Македонија”. Тој, неговото тврдење дека станува збор за идентитет го поткрепи со членот 7 (3), што го прочита пред присутните на комисијата дека споменувањето на термините македонско, македонска, македонско што се однесуваат на втората страна, а со кои се подразбира, државата, јазикот, населението и нивните карактеристики се различни од оние на првата страна.

Во продолжение реагираше и поранешниот коалициски партнер во владата, лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, велејќи дека, „Катругалос рече дека е нивно право да се самоопределуваат како македонски народ”.

Комисијата за надворешни работи и одбрана, за Нацрт законот за ратификација на Договорот од Преспа расправа веќе неколку часа. Според најавите на претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис, Комисијата по завршувањето ќе изготви извештај, а потоа, во среда и четврток за нацрт законот според кој се ратификува и стапува во сила Договорот од Преспа, ќе расправа Парламентот на пленарна седница, по што ќе следи и гласањето.