Зголемен бројот на вирози во Делчево – ММС
ММС

Објавено на: 01/22/19 11:07 AM

Зголемен бројот на вирози во Делчево

Во делчевскиот Здравствен дом во пораст е бројот на долните респираторни инфекции. Според информациите на матичните лекари и вработените во епидемиолошкото одделение, само во третата недела од месец јануари годинава во Делчево се регистрирани 94 случаи на вирози од кои во најголем дел од случаите се работи за долни-респираторни инфекции.
-Точно е дека имаме зголемување на бројката на граѓани кај кои се забележани инфекции на дишните патишта. Она што може да го потврдиме е дека само во изминатата недела од месец јануари имаме евидентирано 94 случаи со долни респираторни инфекции. Постапката во нашето одделение за ваквите случаи е таква што земените брисеви се испраќаат во Центар за Јавно здравје Кочани од каде е потврдено дека се работи за долно-респираторни инфекции, вели делчевскиот епидемиолог Надица Ефтимовска.
Од епидемиолошкото одделение во Делчево, додаваат дека бројката на пациенти со горни-респираторни инфекции кои во текот на минатата недела побарале лекарска интервенција е 177 пациенти.
Со цел ублажување на ваквата состојба матичните лекари советуваат граѓаните во овие зимски денови да практикуваат повеќе здрава храна, како и избегнување близок контакт со луѓе кои се болни или имаат настинка, односно кашлаат, киваат или имаат покачена телесна температура.
-Добро е почесто да се мијат рацете со вода и сапун или со дезинфекциско средство, да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат. Да се пијат топли напивки како што се чаеви и супи, овошни цедени сокови, вода со лимон-велат епидемиолозите и дополнуваат дека добро е да се консумираат свежи продукти богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук кои му се неопходни на организмот, вели Виолета Атанасовска.
Лекарите препорачуваат во овие зимски месеци да се практикува здрав начин на живот и здрави навики, вклучително добар сон и одмор, но и одржување на физичката и психичката активност.

МИА