Царовска: Лицата со попреченост мора да ги остварат своите права како и сите други граѓани – ММС
ММС

Објавено на: 01/22/19 11:00 AM

Царовска: Лицата со попреченост мора да ги остварат своите права како и сите други граѓани

Сите институции заедно со граѓанскиот сектор поинтензивно да работат на имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост – порача денеска министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Таа укажува дека иако Македонија ја има ратификувано оваа Конвенција, досега не се работело доволно на ова прашање.

Царовска денеска потсети дека во земјава почна процес на деинституционализација, најавувајќи дека до 2020 Заводот во Демир Капија ќе биде трансформиран во нов концепт за поддршка и живеење во локалната заедница за овие лица.

Потсети дека досега ги остраниле сите административни бариери за остварување на правата, оти ја зголемиле паричната поддршка, како и дека дополнително се воведуваат услуги на локално ниво за да може да овие лица поленсо ги остваруваат правата и да се зголеми квалитетот на живеење.

Според постојаниот координатор на ОН и преставник на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс Македонија постигнала добар прогрес, но преостануваат уште многу работи кои државата допрва треба да ги направи:

„Сакаме да видиме општество во кое возрасните лица со попреченост ќе можат да се вработат и да ги реализираат своите потенцијали, и да живеат достоинствено во заедницата, а не во институција. Потребна е и рана детекција на попреченост и вклучување на сите деца во предушилишното образование“.

Колкав е бројот на лица со попреченост во нашата земја се уште точно не се знае, бидејќи и понатаму недостига Националниот регистар. Од ресорното Министерство тврдат дека сепак се работи на поврзување на системите на здравство, образование и социјала, за да се добие првична бројка, врз основа на која ќе се креираат политиките.

Според светските статистики пак, 10 проценти од возрасните и пет проценти од децата имаат некаков вид попреченост.